
Во составот на училиштето, под раководство на професорката Катерина Кирјаковска – библиотекар, постои и успешно функционира училишната библиотека чијашто воспитно – образовна и информативна улога е да им помага на учениците да се стекнат со дополнителни знаења по предметите што ги изучуваат. За продлабочување на знаењата на наставниците, како и стручно усовршување, а исто и за учениците, во функција е ставена училишната библиотека со фонд над 7000 книги, стручна литература од областа на економските науки –бизнисот и менаџментот, развојот на маркетингот, социолошка литература, литература од областа на демократијата и правото, од медицинските науки, белетристика, лектири..
Значајно е да се каже дека е огромна улогата на воспитната компонента на библиотеката во подигнување на свеста на учениците за дружба со книжевните извори, мотивирање на учениците за изразување на своите чувства, размислувања и ставови преку ораторството и секако преку пишуваниот збор. Има бројни активности: промоции на литературни дела на ученици од училиштето, одбележување значајни датуми, литературни читања, гостувања на промоции на книги и капитални дела, организирање на предавања и панел дискусии на гости – предавачи, посета на библиотеки, саеми на книги, хуманитарни акции…
На учениците им се вгнездува лековитата моќ на читањето, па оттаму и оправданоста на мотото на нашата библиотека – „Лековито место за душата“.










