

Во чест на патронот
Општинското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ – Битола функционира и опстојува веќе над 70 години, во градот каде здравството и здравстевената култура се дел од мозаикот што ја сочинува сликата за историското минато на Битола и на нашиот народ. Имено, Битола, заради своите историски, економски, политички, културни услови во кои се развивала низ вековите, е град во кој се формирале првите болници во Македонија. Уште во 16 век во Битола се изгради првата воена болница, наменета за лекување на многубројната војска, а веќе во 18 век била отворена и првата болница за цивилно население, во која лекарската дејност ја извршувале реномирани лекари од соседните земји, а подоцна и македонски лекари и обучен медицински персонал.
Од ослободувањето наваму здравството во Битола добива пошироки димензии. Повоениот период се карактеризира со сеопшт подем во сите домени и области. Во тој контекст,традицијата на образување на кадри од здравствената струка започнува од далечната 1947 година (Јуни 47г.) кога со решение на Министерството за народно здравје на НРМ во Битола е отворено Средно медицинско ушилиште, односно Медицински техникум за лекарски помошници, а потоа во 1950/51г. како Бабичко училиште, со неколку генерации на ученици, за подоцна да се проширува во доменот на едукација на учениците од разни профили, за задоволување на потребите на Болничкиот центар во Битола во тој период.
Со формирањето на Медицинскиот Центар Д-р Трифун Пановски од 1965 год. во Битола се обезбедува квалитетна здравствена услуга на населението во градот и пошироко во регионот.
За нашиот патрон
Примариус д-р Јован Калаузи (1919 – 1989г. ) завршил Медицински факултет во Белград (1949г.) каде го положил и специјалистичкиот испит по интерна медицина во 1954 година.
Во 1957/1958 година специјализира кардиологија во Париз, каде се усовршува во електрокардиографија и фонокардиографија, како и во дијагностика и терапија на коронарна болест и срцеви аритмии.
По враќањето од Париз, целосно се посветува на современата кардиологија и нејзината примена во практиката. Од многубројните активности на овој план ги издвојуваме:
- Во 1971г. формира Коронарна единица при Интерното одделение – Битола
- Еден е од основоположниците на интензивна нега и терапија при кардијални кризи во Р. Македонија.
- Со своите соработници, разработил систем за рехабилитација на постинфарктни состојби во Битола.
- Творец е на голем број стручни и научни трудови со забележителен придонес во едукација на медицински кадри.
За своите придонеси во областа на медицината д-р Калаузи е добитник на многубројни признанија од кои ги издвојуваме:
- Орден на трудот III ред
- Орден заслуги за народ со сребрена ѕвезда
- Златна плакета за заслуга во Спортската медицина
- Диплома на Сојузот на кардиолозите на Југославија за постигнати врвни резултати во областа на кардиологијата
- Ноемвриска награда на град Битола за 1967 година, а постхумно му е доделена плакета од Друштвото за наука и уметност во 1990 година.
Д-р Јован Калаузи има дадено забележителен придонес во едукација на младите лекари, а особено во едукација на средно – медицински кадри како професор по предметот Интерна медицина во Средното медицинско училиште во Битола цели 17 години.









