За време на четиригодишното образование учениците од профилот физиотерапевтски техничар се стекнуваат со знаења од општообразовните предмети, стручните предмети, практични знаења и вештини. На тој начин учениците стекнуваат посебна одговорност за грижата на човекот и неговото здравје, се запознаваат со општите начела и правила на физиотерапевтскиот техничар, како и сите улоги што ги има тој и правилниот однос кон пациентите. По завршувањето на образованието учениците од профилот физиотерапевтски техничар имаат можност да се вработат во здравствени институции, рехабилитациони центри и друго. Исто така, можат да го продолжат своето образование на факултетите за медицински науки. Практичната настава започнува во втора година, и истата се изведува во специјално опремен кабинет од доменот на физиотерапијата, а потоа во општата болница ЈЗУ Клиничка болница „Др.Трифун Пановски“ – Битола.
Предвидена е феријална пракса.
Преку практичната настава учениците се стекнуваат со следниве знаења:
-води групни или индивидуални вежби во базен или Хабердова када, според планот што го изработува физиотерапевтот;
-поставува ортопедски помагала на болниот и упатува за нивно користење и одржување;
-самостојна апликација на краткоталасна дејатермија;
-примена на галванска струја, ултразвук, четворостатична галванизација, ултравиолетови зраци…

Физиотерапевтскиот техничар е здравствен работник кој учествува во зачувување на здравјето, здравствената едукација и рехабилитација на пациенти во примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита. Тој ја планира и организра сопствената работа преку подготовка на просторија, пациент, апарати, инструменти, материјали и помошни средства за медицинска рехабилитација. Применува физикални третмани, масажа, фитнес и кинезитераписки вежби, грижејќи се за општата состојба и напредокот на пациентот, за кој уредно и прецизно води медицинска документација. Во овој процес ги координира своите активности со здравствениот тим, дејствува според релевантни стандарди и важечки протоколи и се стреми да ги подобри своите знаења.

















