Историјат на училиштето

Од ослободувањето наваму здравството во Битола добива пошироки димензии. По воениот период нашата земја се карактеризира со сеопшт подем во сите домени и области. Особено значајно е развивањето на училишната мрежа за основното, а потоа и за средното образование. Во тој контекст, во јуни 1947 год., со решение на Министерството за народно здравје на НРМ во Битола, е отворено Средно медицинско училиште, односно медицински техникум за лекарски помошници, сместено во бараки, како и интернат во куќа на ул. „Кирил и Методиј“.
Школувањето на првата генерација на ученици заврши во учебната 1949/50 год., бидејќи школувањето траеше три години, а другите генерации по четири години, со тоа што четвртата генерација четвртиот клас го заврши во Скопје.
Во изминатиот период и подоцна, за одредени задачи од делот на здравствената заштита, беше потребно да се вклучат и други здравствени профили и со пониско образование од средно. Таков беше случајот со бабиците (школувањето им траеше две години) и на кои им беа доверувани задачи од доменот на здравствената заштита на жената, новороденчето и доенчето, како во стационарни организации, така и во патронажни активности. Бабичкото училиште започна со работа во учебната 1950/1951 год., беше сместено во ЦОУ „Гоце Делчев“ и во својот состав имаше интернат. Акцентот на наставните програми беше на гинекологија со акушерство и педијатрија.
Во 1947 год. отпочна со работа едногодишен курс за болногледачи во склоп на Нижото медицинско училиште.
По неколкукратно затворање и отворање на училиштето, од учебната 1956/57 год. па наваму, тоа напрекинато и мошне успешно работи, едуцира и создава нов кадар, прилагодувајќи се на новосоздадените услови и според наставните планови и програми да стигне до статус на Медицински училишен центар со неколку насоки, според Концептот за самоуправна трансформација на насоченото средно образование, што се остварува од учебната 1982/83 год.
Во развојниот период од 29 години, училиштето е повеќепати преселувано и за жал секогаш во несоодветни услови. Така, 1959 год. од Бабичкото се преселува во објектот на „Иван Милутиновиќ“. Во учебната 1962/63 год. се преселува во објектот на поранешно Стопанско училиште „Кочо Рацин“, заедно со него е и Економското училиште. Потоа, во учебната 1970/71 год. училиштето се преселува на ул. „Елпида Караманди“ во поранешниот Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“.
Во текот на развојниот период во Медицинското училиште, покрај медицинските сестри, како најширок профил, се школуваа и акушерки, но поради неможност да се вработат како акушерки, со полагање диференцијални испити со стекнуваа и со звање медицинска сестра.
Во период од 1974 год. до 1976 год. во училиштето се школуваше и една паралелка од 16 кандидати за болничари од Либиската Арапска Рапублика, преку Републичкиот завод за техничка соработка од Скопје, кога едновремено имаше и такви паралелки и низ други градови во земјата (Сплит и Зајечар).
Ценејќи ја потребата од разновидни и диференцирани профили, Медицинското училиште успешно се прилагодуваше на тие потреби. Имаше постојана и максимална соработка со битолските здравствени организации, односно со Медицинскиот центар, кој воедно беше практична база на ова училиште и која беше една од најдобрите во СРМ, како и институција од која се регрутираа квалитетни предавачи на оваа образовна организација, па и автори на учебници.
Со посебен пиетет, се осврнуваме кон научната и воспитна дејност на: примариус д-р Борис Г. Андоновски, специјалист инфектолог, кој издаде учебник „Акутни инфектни болести со епидемии“ за IV година од 1971 год., прв учебник во СРМ кој го користат сите ученици во медицинските училишта и студенти на факултетите; примариус д-р Драган Коњановски, специјалист офталмолог, кој го издаде учебникот „Очни болести“; примариус д-р Ѓорѓи Османли, специјалист педијатар, кој го издаде учебникот „Педијатрија“.
Така, по укажаната потреба и соодветна програма, училиштето едуцира 64 радиолошки техничари (две генерации заклучно со учебната 1984/85 год.) Исто така, во 1984/85 год. во трет степен на стручна подготовка се запиша и една паралелка од 35 ученици – лаборанти, како и медицинско – педагошка насока вкупно две паралелки од 1984/85 год., кои се диференцираа во III година по реализирањето на заедничките воспитно – образовни насоки кои траеле две учебни години и биле идентични за сите насоки во медицинската струка.
Регионалната поставеност на училиштето е постојано негова позитивна карактеристика. Процесот на постојано усовршување на наставните планови и програми во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ продолжува и натаму. Со сестрано залагање на наставниот кадар и надворешните стручни соработници, училиштето има тенденција да стане едно од најдобрите во државата.










